Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) им порача на Меѓународните спортски федерации да ги откажат сите настани што се планирани да се одржат во Русија или Белорусија во својата најостра осуда досега, поради нивниот вооружен напад врз Украина.
По состанокот на Извршниот одбор, ИОК исто така, реши да не се истакнуваат руското или белоруското национално знаме на ниту еден спортски настан. Белорусија можеше до сега да се натпреварува под своето знаме на ОИ Пекинг 2022 и ОИ Токио 2020 година, иако неколку претставници на Националниот олимписки комитет на Република Белорусија, вклучително и претседателот Виктор Лукашенко како и неговиот татко Александар Лукашенко, добија забрана за присуство на Игрите поради дискриминација на спортистите кои учествуваа во анти – Владини протести во Минск.
Самиот збор “Република“ во насловот на Националниот олимписки комитет или Националните спортски федерации води кон заклучокот дека во таа држава, спортот е под исклучителна државна контрола!
Руската атлетска федерација е веќе суспендирана од Светската атлетика од 2015 година, поради прекршување на допинг правилата и затоа нема право да биде домаќин на Светски атлетски настани или да испраќа тимови на меѓународни спортски првенства.
Трката во Формула 1 која требаше да се одржи во Септември 2022, врз основа на договорот со ФИА од 2011 година е откажана, додека Полскиот фудбалски сојуз одбива да игра со Русија следниот месец во квалификацискиот плејоф натпревар за учество на Светското првенство во фудбал.
ФИС веќе ги откажа сите Светски скијачки купови во Русија, а финалето на Лигата на шампионите за 2022 се пресели во Париз бидејќи УЕФА им нареди на Русија и Украина да играат домашни натпревари во странство.
Светскиот триатлон остро ја осуди руската инвазија на Украина, а светскиот спортски и бизнис самит „SportAccord“ во Екатеринбург, Русија е исто така откажан.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА