Дуелот меѓу Алкалоид и Охрид требаше да биде дерби на колото во ракометниот плејоф, но актуелниот вицешампион со маестрално издание го декласираше противникот со 42-31, зацврстувајќи се на третото место на табелата. Тимот на Кире Лазаров го одигра можеби и својот најдобар меч, од почеток до крај го диктираше темпото на игра и резултатот, покажувајќи дека во топ-форма ќе го дочека крајот на сезоната и завршниот турнир од Купот на Македонија.
Охриѓани дојдоа во „Автокоманда“ со надеж дека ќе го изненадат актуелниот вицешампион, но тимот на Стевче Алушовски во ниту еден момент не беше достоен ривал за „сино-белите“ од Скопје. Алкалоид поведе со 6-4, нешто подоцна и со 10-7, а добрите одбрани на голманот Трајкоски (Галевски влезе и одбрани еден седмерец) помогнаа домаќините уште повеќе да се одлепат и на одмор да заминат со убедливи 22-14 со головите на Дамјан Митев и на Серафимов во последната минута од полувремето.
Трајкоски блескаше и на почетокот од второто полувреме, ставајќи крај на надежите на охриѓани дека би можеле да се вратат во мечот. На теренот се случи токму спротивното, Алкалоид продолжи да доминира и да ја полни мрежата на гостинскиот состав. Првото двоцифрено водство беше за 29-19, по што тимот на Лазаров ја задржи убедливата предност се до конечните 42-31.
Марко Митев и Стојковиќ со по седум гола беа најефикасни во Алкалоид, по шест имаа Дамјан Митев и Серафимов, додека Трајкоски го заврши мечот со 12 интервенции. Голманите на Охрид имаа само три одбрани на овој натпревар, а најефикасни во таборот на гостинскиот тим беа Мацуока со седум и Орјоникидзе со пет гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА