Ракометарите на Алкалоид одиграа уште еден европски меч за паметење, славејќи со 42-37 на првиот полуфинален дуел со норвешкиот претставник Рунар Сандефјорд. Во брзата игра на која инсистираа двајцата тренери подобро се снајдоа ракометарите на македонскиот тим, кои со фуриозна игра во последните петнаесетина минути се одлепија обезбедувајќи одлични „плус пет“ пред реваншот во Норвешка, каде се очекува да биде ставен печат на историски прво европско финале на овој успешен македонски ракометен колектив.
Норвежаните нешто подобро го отворија мечот, поведоа со 1-3 и 2-4, но Алкалоид набрзина се врати и најпрвин израмни наа 4-4, потоа и преку Франциско стигна до првото водство на мечот (5-4). „Сино-белите“ го контролираа резултатот до средината од првото полувреме, но по двете исклучувања на Ѓоргиев и на Никола Маркоски гостите се вратија и за момент поведоа со еден гол разлика. Македонскиот претставник уживаше во брзото темпо на игра, се тресеа мрежите на двете страни, а на одмор се замина со 21-20 за Алкалоид, откако Серафимов постигна фантастичен гол за 21-19, пред гостите да реализираат од девет метри со звукот на сирената.
Почетокот од второто полувреме мина во знакот на гостите, кои поведоа со 24-26, а потоа имаа „плус два“ и при водството од 27-29. Галевски имаше неколку одлични интервенции на голот на македонскиот претставник, нападот функционираше беспрекорно и избраниците на Лазаров не само што го свртеа резултатот во своја полза, туку и почнаа да градат се поубедливо и поубедливо водство. Рунар се обиде и со „седум на шест“, но Норвежаните беа казнети со голот што од сопствената половина го постигнаа „сино-белите“. Џонов блескаше од крилната позиција со важни погодоци, за Алкалоид на крајот да го добие меч со конечни 42-37, по пеналот што гостите го промашија во последните секунди од мечот.
Мартин Серафимов беше одличен со десет погодоци, Џонов го одигра својот најдобар меч во дресот на Алкалоид со седум гола без промашување, додека Ѓоргиев, Карасманакиќ, Стојковиќ и Петковски беа по четири пати прецизни.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА