Европскиот првак Ливерпул го прегази актуелниот англиски шампион Манчестер Сити со 3-1 во пресметката на „Енфилд Роуд“ која беше најавена како прв чин во борбата за трофејот во Премиер – лигата. Сега „црвените“ имаат огромни девет бода предност во однос на Манчестер Сити, кој падна дури и на четвртата позиција на табелата. Бод повеќе од „граѓаните“ имаат Лестер и Челси, односно осум негатива во однос на лидерот Ливерпул.
Јирген Клоп го надмудри Пеп Гвардиола, неговиот агресивен „хеви метал“ стил ја доби битката со упорниот посед на топката и притискање на противникот што го практикува шпанскиот стратег.
Возбудувањата почнаа многу рано, во петтата минута гостите бараа пенал поради играњето со рака на Трент Александер-Арнолд во шеснаесетникот, но не добија казнен удар, а казната ги стигна веќе во следниот напад. Фабињо со прецизен удар го совлада Клаудио Браво и донесе водство за Ливерпул.
Само седум минути подоцна, Мохамед Салах со удар со глава го реализираше центаршутот од левата страна и избраниците на Јирген Клоп создадоа голема предност. Се закани Серхио Агуеро, но немаше свој ден, па изостана неговата реализација.
Во второто полувреме Садио Мане ја затресе мрежата на Клаудио Браво во 51.минута и практично го реши победникот. До крајот, Манчестер Сити постигна почесен гол преку Бернардо Силва во 78.минута, а можеше да биде уште поинтересно, ако беше санкционирано второто играње со рака на Трент Александер – Арнолд во сопствениот шеснаесетник.
Ливерпул е убедливо на врвот во Премиер – лигата со 34 бода по 12 кола, односно 11 победи само едно реми. А минаа цели 30 години од последниот шампионски наслов за овој клуб…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА