Моќен старт на Македонија во Марибор: Победи, рекорди и срце на патеката! (ФОТО)

Првиот ден од Европското екипно првенство – Трета Лига во Марибор донесе вистинска експлозија од емоции и резултати за македонската атлетика. Нашите репрезентативци не само што се бореа, туку и запишаа историја!

Андреас Трајковски го отвори денот со доминантен настап во скок во далечина, каде со скок од 7.83 метри се искачи на врвот и максимални поени на Македонија. Сигурен, прецизен и фокусиран – Трајковски уште еднаш покажа зошто е меѓу најдобрите во Европа.

Во една од најсилните трки на денот, Дарио Ивановски го контролираше темпото од самиот почеток до крајот. Со резултат од 14:04.06 на 5000 метри, тој го освои првото место и ја потврди својата улога како капитен на македонскиот тим.

Брајан Авиа

Изненадувањето на денот дојде од младиот Брајан Авиа, кој со скок од 2.06 метри, свој нов личен рекорд, го освои третото место во скок во височина , подобрувајќи го својот личен рекорд за 5 сантиметри.

Во женската конкуренција, Миљана Ристиќ испиша нова страница во историјата. Со храбар и моќен настап на 3000 метри стиплчес, таа постави нов национален рекорд од 11:49.49, рушејќи ги личните граници.

Но кулминацијата на денот пристигна со штафетата 4х100м. Машкиот тим во состав: Трајковски, Алексовски, Петров и Стојоски – не само што истрча феноменални 40.89 секунди, туку и постави нов национален рекорд, освојувајќи второ место во исклучително силна конкуренција, а само 4 стотинки недостигаа за првото место.

Покрај овие врвни настапи, македонските атлетичари и атлетичарки се истакнаа и во останатите дисциплини со бројни лични рекорди и високи пласмани, носејќи бодови, гордост и надеж за уште поголем успех во вториот ден.

“Првиот ден помина, но борбата продолжува. Ова не е само спорт – ова е љубов кон дресот, кон знамето, кон Македонија” – порачаа од македонската атлетска репрезентација.

Се вчитува...