Хрватска направи џиновски чекор кон четвртфиналето од СП 2025 откако „коцкестите“ вечерва со извонредна партија го совлада составот на Исланд со преубедливи 32-26. Победата на Египет на Словенија во претходниот дуел значеше и дека Хрватска мора да брка победа од најмалку четири гола разлика, за да биде меѓу најдобрите две селекции во кругот што би го правела со Египет и со Исланд. „Коцкестите“ не само што одговорија на предизвикот, туку и стигнаа до убедлива победа со која се на чекор до првото место во групата, за што ќе им биде потребна победа во последното коло над Словенија, која веќе нема никакви шанси за четвртфинале.
Исланд парираше помалку од десет минути, а потоа почна доминацијата на домашните ракометари кои бодрени од фанатичните навивачи во преполната арена ја зголемуваа предноста како што одминуваше времето. Кузмановиќ бранеше одлично, во нападот блескаа Мартиновиќ и Мараш, па Хрватска на одмор замина со преубедливи 20-12. Домашниот состав имаше целосна контрола во вториот дел, Исланд не се спушти под седум гола разлика се до последната минута, но Јелиниќ од шест метри стави печат на конечниот триумф, на крајот изразен со конечните 32-26.
Доминик Кузмановиќ беше неверојатен и со 17 одбрани (40% успешност) заслужено стигна до МВП-признанието, а најефикасни во нападот на „коцкестите“ беа Мартиновиќ со осум и Мараш со пет погодоци.
Норвешка во последниот меч од денешната програма славеше над Чиле со убедливи 39-22. И без повредениот Сагосен норвешките ракометари одиграа рутински меч и стигнаа до убедлив триумф што не им е од преголемо значење ако се знае дека веќе ги загубија сите шанси за пласман во четвртфиналето.
Каспер Торсен Лиен со десет гола беше главна фигура на натпреварот, шест постигна Ар, а пет Грондал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

