Можеби е далеку од фер за останатите учесници на завршниот турнир на осумте најдобри тенисери во сезоната во Лондон, но АТП финалето сепак сите го очекуваат како нова битка на Новак Ѓоковиќ и на Роџер Федерер.
Српскиот тенисер со неверојатниот прогрес во последните пет месеци оствари голема цел, годината ќе ја заврши на првата позиција на АТП листата. На патот до овој успех многу му помогна нестабилниот во вториот дел од сезоната Рафал Надал. „Кралот на земјата“ повторно е во „падни-стани“ период и поради повреди и операции ги откажа учествата на последните турнири во годината.
Ѓоковиќ се израмни со Федерер според бројот на години кои ги завршувал како најдобар во светот. Битката за Лондон ќе биде за одбележување на една ера во тенискиот свет меѓу гигантите од кои „рекордерот“ е на залезот од големата кариера, а „балканскиот ас“ е во нов подем кој го враќа во висичините и меѓу легендите на овој спорт. Се разбира, многу ќе имаат да кажат новите сили на светкиот тенис кои ќе бидат дел од турнирот во Лондон.
Наспроти општото мислење, Федерер всушност и никогаш не бил „кралот“ на Лондон. Има само две титули од Финалето на сезоната, последната од 2011 година. За него трофејот би бил особено значаен од поинаков аспект. Да ја заокружи големата и историска бројка од 100 АТП титули во кариерата.
Ѓоковиќ и покрај тоа што покажа значителни знаци на замор во поразот од Карен Хачанов во финалето на Мастерсот во Париз ќе ја брка шестата титула во Лондон и ќе се обиде повторно да му застане на патот на големиот ривал. Федерер има три порази во финалињата во Лондон токму од Ѓоковиќ.
На првиот ден на турнирот, Федерер ја почнува групната фаза против Кеи Нишикори, во оваа конкуренција на првиот дуел се среќаваат Кевин Андерсон и Доминик Тим. Ѓоковиќ утре почнува против Џон Иснер. Во неговата група во првото коло ќе играат и Марин Чилиќ и Александар Зверев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА