Пелистер стигна и до десетата победа во десетото коло од Првата лига откако на домашен терен славеше со 101-76 над Гостивар. Битолчани влегоа во мечот далеку помотивирани од гостиварчани, одиграа речиси перфектна прва четвртина по која стигнаа до висока предноста и истата не ја испуштија до самиот крај за рутински триумф.
Пелистер уште од самото отварање на натпреварот успеа да го наметне своето темпо и по две и пол минути стигна до двоцифрена предност (10-0). Ритамот на домаќините не запре ни по тајм-аутот на Јончевски па „зелено-белата“ рапсодија продолжи на паркетот. Пелситер доминираше во рекетот, погодуваше за три поени, одигра и одлично во одбраната па стигна до предност од 35-9 по првата четвртина. Гостивар успеа да ги консолидира своите редови до полувремето по што заигра далеку подобро во нападот и одбранта, но успеа само минимално да ја намали високата негатива (55-32).
Работите не се променија ниту на отварањето на второто полувреме. Гостивар продолжи со обидите за намалување на високата негатива, но домаќините не дозволија предност да се спушти под 17 поени (66-43), а со тројките на Караџовски и Младеновиќ на истекот на третата четвртина ја вратија и позитивната од повеќе од 20 поени (74-52). Последната четвртина беше само формалнсот во која Пелистер повторно го наметна своето темпо и ја подигра предност на +31 (92-61) со што ја осигура и десеттата победа во првенството.
Игор Кесар беше лидер на Пелистер со 33 поени и 8 скока, а него го следеа Караџовски со 22 поени, Малешевиќ со 15 поени и 6 скока, а блиску до дабл-дабл учинок беше и Стајиќ кој на осумте поени додаде 11 асистенции. Кај Гостивар 21 поен и 9 скока забележа Никола Силаџи, 17 поени и 5 скока додаде Ефремовски, а како двоцифрени мечот го завршија и Тодоровиќ со 15 поени и Дејли со 11.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА