ТФТ е осамен на врвот на прволигашката табела како единствен тим со максимални четири победи откако екипата на скопско Тафталиџе славеше на гостувањето против Феникс со резултат 63-80. Многумина очекуваа посериозен отпор на домаќините и неизвесност до самиот крај, но ТФТ од самиот почеток наметна темпо што домаќините не можеа да го следат, на одмор заминувајќи со убедливи 35-49, трасирајќи си го патот до победата.
Сите кошаркари од првата петорка на ТФТ имаа двоцифрен ефект, а најимпресивен беше Николов со 16 поени, 12 скокови и 7 асистенции, Госенс постигна 14, а Мекиќ 12 поени. Најефикасни кај Феникс при денешниот пораз беа Митревски и Марфи со по 17 поени.
Работнички во својот најдобар меч досега сезонава го демолираше Чаир со 86-63, нанесувајќи му го на домаќинот првиот пораз сезонава. „Центарци“ одиграа импресивно во одбраната, неутрализирајќи ги главните оружја на противникот. Клучна беше втората четвртина што тимот на Работнички ја доби со 26-12, го сврте резултатот во своја полза, на крајот триумфирајќи со преубедливи 23 поени разлика.
Полутак со 27 поени ги предводеше стрелците на Работнички, 22 постигна Робев, а новото засилување Дубински го заврши мечот со 12 поени. Прв стрелец на Чаир беше Американецот Кели со дабл-дабл од 16 поени и 12 скокови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА