Норвежанецот Оле Гунар Солскјер пристигна на „Олд Трафорд“ да го гаси пожарот по заминувањето на Жозе Мурињо и се снајде одлично. „Црвените ѓаволи“ под негово раководство тргнаа долга победничка низа, па сега се надеваат дека можат да изборат и место во Лигата на шампионите следната сезона. Манчестер Јунајтед го очекуваат и осминафиналните дуели во елитното натпреварување против ПСЖ, а медиумите на Островот тврдат дека на Солскјер му е ветено дека ќе остане менаџер и следната сезона, доколку неговиот тим успее да ги елиминира „светците“.
Норвешкиот стратег има дозвола за подолг престој на „Театарот на соништата“ и од својот клуб Молде. Тој всушност е отстапен од Молде до крајот на оваа сезона во Премиер – лигата. Но, нема да претставува проблем и доколку остане подолго.
„Имам совршени односи со челниците на Молде. Кога им се јавив да им соопштам дека Манчестер Јунајтед сака да го наследам Мурињо, мислам дека тие беа порадосни и од мене. Се исполни и нивниот сон. Немам никакви проблеми, тие апсолутно ја разбираат мојата ситуација и ми рекоа само да мислам на победите и можам да останам колку што е потребно“, изјави Солскјер.
Манчестер Јунајтед денеска му гостува на Лестер и се надева на нов успех, во трката за доближување до позициите кои носат место во ЛШ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА