Молк на „Вембли“ – Италија е европски првак

Италија е новиот европски шампион откако „аѕурите“ во супердраматично финале го совлада домаќинот Англија на „Вембли“, по подобро изведување на пенали. Херој на финалето беше Донарума, кој ги одбрани последните два пенали на Санчо и на Сака, за огромна италијанска радост откако по 120 минути игра резултатот гласеше 1-1.

Англичаните имаа почеток од соништата, откако веќе во втората минута стигнаа до водство. Трипие нафрли од десната страна кон вториот дирек, каде Шо одлично се снајде и со прецизен волеј-удар го матираше Донарума, за најбрз гол на финалните натпревари на европските шампионати. Раното водство им овозможи на Англичаните да го контролираат темпото на натпреварот, умешно затворајќи ги приодите кон сопствениот гол. Киеза ја имаше најубавата шанса за „аѕурите“, но ударот на крилниот офанзивец на Италија заврши сантиметри крај голот на Пикфорд.

Манчини направи измени во раната фаза од второто полувреме, Берарди влезе наместо индиспонираниот Имобиле, по што Киеза се префрли како најистурен во нападот (на теренот влезе и Кристанте на местото на Барела). Киеза најпрвин имаше опасен обид што Пикфорд со крајни напори го одбрани, но Италија успеа да стигне до израмнување во 67. минута, Бонучи се снајде најдобро по еден корнер и од непосредна близина ја смести топката во мрежата.

Двете селекции до крајот поголемо внимание обрнуваа кон сопствениот гол, не создавајќи стопроцентни шанси. Манчини се соочува со сериозен проблем бидејќи остана без услугите на Киеза, кој се повреди и мораше да биде заменет. Дополнителнитте 30 минути минаа без стопроцентни шанси на двете страни, па новиот европски првак беше решен со пенал-рулет.

Белоти е првиот што потклекна под притисокот, откако Пикфорд го запре неговиот удар во втората серија. Рашфорд, кој влезе во игра во 119. минута токму за овој пенал-рулет потфрли шутирајќи во дирекот во третата серија, која заврши со израмнети 2-2. Четвртата серија донесе реализација на Бернардески, па промашување на Санчо, но кога се очекуваше печат на титулата од Жоргињо, Пикфорд го одбрани неговиот удар во петтата серија. „Вембли“ замолкна во петтата серија, Сака беше третиот Англичанец во низа што не успеа да го совлада Донарума, за шампионски трофеј за Италија.

Се вчитува...