Молк во Битола: Вардар со џиновски чекор кон титула

Вардар направи џиновски чекор кон титулата во ракометниот плејоф откако „црвено-црните“ вечерва славеа на гостувањето против Пелистер со резултат 22-27. Битолчани направија фантастична атмосфера, на теренот можевме да проследиме врвен ракомет, во кој подобро се снајдоа „вардарци“, со маестрално второ полувреме стигнувајќи до победата со која уште повеќе ја зголемија предноста во однос на лутиот ривал на табелата. „Пелистерци“ пред неколку месеци му го нанесоа првиот овосезонски пораз на Вардар, но овојпат немаа сили за такво нешто, тимот на Иван Чупиќ беше подобар во моментите кога се кршеше резултатот и заслужено стигна до победата,

Вардар беше подобар само во почетните минути при 0-1 и 1-2, по што Пелистер преку Граховац и Хосни поведе со 3-2, преземајќи ја контролата врз резултатот. Никола Митревски блесна со неколку одбрани внесувајќи самодоверба меѓу „зелено-белите“, два гола во низа постигна Манасков, а капитенот Кузмановски со нов погодок зголеми на 7-4. Вардар немаше намера да се предаде, „црвено-црните“ на голот го имаа расположениот Валах кој не дозволи предноста на домаќинот да се зголеми, иницирајќи серија на „црвено-црните“ за израмнување на 7-7.

Дуелот беше егал до 8-8, по што Пелистер повторно влезе во серија и со двата гола на Хакбарт се врати на најубедливи плус три (11-8). При 11-9 Алушовски побара тајмаут, Пелистер се мачеше во нападот, но Митревски спречи зицер на Кеита што ќе донесеше израмнување при 11-10. Во ефикасната последна минута најпрвин Пешевски беше прецизен за 12-10, Да Силва намали на 12-11, па на одмор се заминува со „плус еден“ за битолчани.

Второто полувреме повторно донесе израмнет ракомет, Вардар набрзина поведе со 12-13 преку Георгиевски и Лазаревски, но Пелистер набрзина го врати минималното водство. Лоша вест за битолчани беше што Валах го продолжи голманското шоу од првото полувреме, помагајќи „црвено-црните“ да поведат со 15-16, по што Алушовски побара тајмаут. Проблемите за Пелистер продолжија, Тузолана погоди од седум метри во 44. минута за прво водство на Вардар од плус два (16-18), а „вардарци“ промашија и напад за плус три.

Домаќините ја искористија предноста од играч повеќе по исклучување на Јанковски израмнувајќи на 19-19, но Вардар го имаше одличниот Милан Лазаревски кој со својот шести погодок го врати гостинот во водство (19-20). Искусниот Гоце Георгиевски беше одличен во вториот дел, со неколку маестрални реакции во одбранаста, но и со гол од крило за 19-21 на осум минути до крајот. Пелистер доби пенал, но Радивојевиќ не успеа да го совлада Валах. Тузолана беше прецизен од седум метри за најубедливи 19-22 за Вардар на седум минути до крајот, по што Алушовски мораше да побара тајмаут.

Петар Атанасијевиќ ја прекина мини-серијата на гостите, но Вардар имаше одговор, преку Да Силва задржувајќи ги оние „плус три“ на четири минути до крајот (21-24). Пелистер играше седум на шест, а по грешката во нападот Тузолана стрелаше во празната мрежа на домаќините, за потврда на големата победа, која на крајот беше изразена со конечните 22-27.

Покрај одличниот Валах на голот, најзаслужни за победата на Вардар беа Малус со осум и Лазаревски со седум погодоци. Најефикасни кај Пелистер во овој болен пораз беа Кузмановски, Хакберт, Манасков и Видомски со по три погодоци.

Се вчитува...