Покрај победите и радосните моменти од оваа 2018 година ќе паметиме и неколку горчливи порази. Да не се повтори никогаш повеќе – поразот на ракометарите од Грција што ни ја скрши гордоста таму каде што сме најсилни, срамот на фудбалерите во Ереван што не спушти на земја токму кога кренавме малку глава, екскурзијата на кошаркарите во Швајцарија, двоцифрените порази и онаа 70-ка во минус на кошаркарките среде Скопје…
ВО КОЖАНИ СО НАВЕДНАТИ ГЛАВИ
Ниеден ракометен пораз досега не боли како оној октомврискиот од Грција. Машката ракометна репрезентација на Македонија во Кожани замина како голем фаворит, а заврши како најголем губитник. Грција ја победи Mакедонија со 28-26 во вториот меч од квалификациите за ЕП 2020. Игра без борба, капитулација пред послабиот противник во исклучително сензитивен момент. Поразот од Кожани не го загрозува пласманот на Македонија на наредното ЕП, но сигурно го отежнува патот и доаѓа како сериозна опомена за ракометарите и за селекторот Раул Гонзалес.
„Овој пораз ми беше најтежок по оној во Гдањск, во олимписките квалификации. Бев таму и си заминав посрамен. Доживеав да не сретнуваат луѓе по улица и да не обвинуваат за секакви работи, поголем срам од тоа нема…“– рече подоцна претседателот на РФМ, Живко Мукаетов.
Македонските ракометари ќе имаат шанса да се извадат за овој срамен пораз и да и се реваншираат на Грција на вториот меч во Скопје на 15/16 јуни со кој ќе го завршат овој квалификациски циклус и ако е се како што треба, ќе го прослават пласманот на ЕП.
Но, поразот во Кожани сепак, останува како еден од моментите за заборав во оваа 2018 година во македонскиот спорт.
ФУДБАЛЕРИТЕ ВО ЕРЕВАН ЈА РАСИПАА „ДЕСЕТКАТА“
По три победи во серија и вкупно десет мечеви без пораз, фудбалската репрезентација на Македонија доби неочекувано приземјување во Ереван. Избраниците на Игор Ангеловски загубија од Ерменија со 4-0.
Таков епилог никој не очекуваше, уште помалку таква игра и целосен дебакл.
За Македонија во Ереван заврши низата од десет меча по ред без пораз што почна во јуни 2017 година.
Македонската репрезентација прими вкупно четири гола на претходните 10 натпревари и исто толку за 90 минути во Ерменија!
ШВАЈЦАРСКА ЛЕКЦИЈА ЗА КОШАРКАРИТЕ
Во 2011 беа четврти во Европа, во јуни 2018 македонските кошаркари играа пред-претквалифиакции за Евробаскетот во 2021 и ги завршија со пораз од Швајцарија во Берн (85-79). Избраниците на селекторот Јорданчо Давитков претходно го остварија првичниот план и обезбедија пласман во следната квалификациска рунда, но очајното издание во Берн фрли дамка на сето тоа.
Билансот се подобри во есенскиот циклус со три победи во трите натпревари од вториот квалификациски циклус. На кошаркарите им останува да го одработат уште последниот натпревар против Романија на 21 февруари и да стигнат до квалификации за Евробаскетот. Она што не смеат да си го дозволат е да не им се повтори уште еден меч и игра како во Берн.
КОШАРКАРКИТЕ СТИГНАА НА -70!
Поразите се веќе редовна состојба за женската кошаркарска репрезентација на Македонија. Кошаркарките ги завршија последниот квалификациски циклус со порази во сите шест настапи и тоа пет од нив изразени со двоцифрена разлика.
Врв беше поразот од Шведска среде Скопје со дури 70 коша разлика (48-118). Само по пет постигнати поени во втората и во последната четвртина делуваат помалку неверојатно за еден национален тим, но дефинитивно и многу загрижувачки за македонската женска кошарка.
Да биде трагедијата поголема, се покажа дека овој „страшен“ пораз од Шведска не бил ни случаен, ни лош ден, туку слаба игра и загрижувачки квалитет на составот што го предводи селекторот Маријан Лазовски. После Шведска дојде дуелот со Хрватска во кој македонските кошаркарки постигнаа само „ракометни“ 27 поени, убедливо најмалку во целиот квалификациски циклус и загубија со 90-27. И цели три четвртини Македонија не можеше да стигне до двоцифрен број поени.
Беше – да не се повтори!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА