Изминатава 2023 година веројатно ќе биде забележана како една од најлошите години во историјата на македонскиот спорт.
Ракометарите имаа лош пласман на Светското првенство, нашите клубови забележаа само една победа во клупските натпреварувања на ЕХФ, кошарката веќе години наназад е на маргините, а изостануваа и тие мали блесецо во спортовите како што се карате, такевондо…
Фудбалерите иако не стигнаа до целта ЕВРО 2024 година, сепак веројатно ги имаа најдобрите спортски резултати, откако успеаја во Скопје да ремизираат против финалистите од последниот континентален собир, Италија и Англија. За одбележување е и одбојкарскиот континентален шампионат на кој бевме коорганизатори, а Македонија ја имаше честа да ја пречека во Скопје најдобрата репрезентација на денешницата, селекцијата на Полска предводена од Никола Грбиќ. Во топ 5 успеси се и освојувањето на златото на Светското првенство на кик-боксерот Бобан Илиовски, како и европската титула на автомобилистот Иго Стефановски Иџе.
1. EНИС БАРДИ (ФЕНОМЕНАЛЕН ГОЛ ОД СЛОБОДЕН УДАР)
Македонија уште еднаш, по Палермо, покажа дека и тоа како знае да игра со европскиот шампион Италија. Беше тоа септемвриска ноќ на „Тодор Проески“ во која нашите фудбалерите успеаја повторно да им ги замрсат плановите на Италијанците кон пласман на едно големо натпреварување. Гостите имаа водство од 0-1 со погодокот на Имобиле во 47. минута, а тогаш дојде 81. минута и неверојатниот погодок на Енис Барди. Македонскиот капитен уште еднаш покажа дека е лидер на оваа репрезентација и со еврогол од слободен удар им нанесе нова болка на „аѕурите“.
2. СКОПЈЕ И МАКЕДОНИЈА ДОМАЌИНИ НА ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ОДБОЈКА
Скопје и Македонија во 2023 година ја имаа таа огромна чест да бидат домаќини на Европското одбојкарско првенство. Во главниот град на нашата држава имавме можност да ја пречекаме најдобрата репрезентација на денешницата, селекцијата на Полска предводена од Никола Грбиќ која на крајот успеа да стигне и до европскиот трон. Две победи во групата (Данска и Црна Гора) беа доволни за пласман меѓу 16. најдобри репрезентации на стариот континент и мега дуел со моќната Италија на нејзин терен во осминафиналето. Ова за нашите „спартанци“ беше најдобар резултат во кратката историја, во која имаме пласман само на три Европски првенства. Најемотивниот момент се случи по победата над Црна Гора кога одбојкарите заедно со целата сала ја испеаја химната на Македонија.
3. БОБАН ИЛИОСКИ Е СВЕТСКИ ШАМПИОН ВО КИК-БОКС
Како по навика и 2023 година донесе ново златно момче на Македонија во боречките спортови. Македонскиот кикбоксер Бобан Илиоски стана светски шампион во дисциплината Лоу Кик откако во финалето на Светското ВАКО првенство кое се одржа во Албуфеира, Португалија, во битката за светската титула, убедливо го победи Нурбек Уришбоев од Узбекистан.
4. ИГОР СТЕФАНОВСКИ ИЏЕ ПОВТОРНО ЕВРОПСКИ ШАМПИОН
Најдобриот македонски автомобилист на сите времиња уште еднаш ја израдува македонската јавност, со нова европска титула. Тој оствари нов извонреден успех закитувајќи се со титулата во европскиот шампионат на ридски патеки. На најдобар можен начин стави печат на пехарот, доминирајќи во текот на целата сезона каде успеа да забележи дури седум победи на десетте трки.
Ова беше трета европска круна за Стефановски, откако првите две ги освои во 2014 и во 2015 година.
„Трикратен Европски Шампион, за мојата Македонија, за мојот народ, 2014/2015/2023. Бидете горди, испишавме нова историја“, објави Иџе по освојувањето на европскиот шампионат.
5. EНИС БАРДИ (РЕМИ СО АНГЛИЈА 1-1)
И повторно кој ако не друг, Енис Барди. По срамот во Манчестер (7-0), нашите репрезентативци во меч кој немаше никакво резултатско значење ја пречекаа Англија, во борба за својат чест. 20. ноември 2023 година ќе остане запаметен како датум на кој фудбалската репрезентација повторно успеа во своите историски книги да запише голем резултат против една од најсилните селекции во светот. Водство за Македонија донесе Енис Барди со гол во 41. минута, а да не се случеше несреќниот автогол на Атанасов во 59. минута, Македонија ќе можеше да и го земе и скалпот на големата Англија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА