Монако се наоѓа на чекор до билет за фајналфор турнирот во Дубаи откако „кнезовите“ и на вториот домашен дуел со Барселона славеа рутинска победа, овојпат изразена со убедливи 92-79. Дуелите меѓу четврто и петтопласираната екипа од регуларниот дел од сезоната требаше да бидат и најнеизвесни, но наместо тоа минуваат во апсолутна доминација на „кнезовите“ од Монако, додека каталонскиот гигант делува непрепознатливо во оваа четвртфинална серија.
Диало беше клучен играч на Монако во првата четвртина, а во втората во ритам влезе и резервниот центар Жаите, па овој тандем го надополни нешто послабиот реализаторски придонес на Мајк Џејмс. Клуч сепак беше бездушноста и анемичната игра на Барса, пред се во одбраната, дозволувајќи му како и пред два дена, домашниот тим повторно да се одлепи и во раната фаза да го реши победникот. Монако имаше и „плус 19“ во последната четвртина, гостите дојдоа на 12 поени разлика, пред Окобо да стави точка на заслужената победа на домашниот состав.
Диало со 21 и Жаите со 20 поени беа клучни играчи во победничката екипа, каде Џејмс постигна скромни 6, а Тајс само 5 поени. Единствена светла точка кај Барса беше Џабари Паркер со 16 поени, 9 скокови и 6 асистенции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА