Манчестер сити влегува со фаворитска улога во пресметката со Монако, но „граѓаните“ сигурно ќе бидат многу внимателни, потсетувајќи се на судбината на Арсенал пред неколку сезони кога „топчиите“ се сретнаа со „кнезовите“ во Лигата на шампионите. Во 2015 година Монако гостуваше на „Емирати“ и во беспрекорна партија стигна до триумф од 1-3 среде Лондон, по што се пласираше во следната фаза и покрај поразот од 0-2 на реваншот во Монте Карло.
Гвардиола нема поголеми проблеми со составот во пресрет на оваа средба, капитенот Компани веќе подолго време е „во аут“, додека по повредата на Габриел Хесус улогата на предводник на нападот ќе му припадне на Серхио Агуеро.
„Цела Европа ќе го гледа овој меч, ќе не „убие“ доколку не победиме, па затоа се соочуваме со притисок да триумфираме. Ова искуство е прекрасно за мене, го сакам тој вид на притисок и верувам дека ќе одговориме на предизвикот. Искрено, импресиониран сум од Монако, тоа е тим што игра физички фудбал со многу дуели, со бекови кои играат како крила, а крила кои втрчуваат во средината. Не им треба многу простор за да создадат шанса и да постигнат гол, затоа ќе мораме да бидеме многу внимателни“ – изјави Пеп Гвардиола, за кого ова ќе биде прв тренерски дуел против екипа од Франција.
„Граѓаните“ се обидуваат да стигнат до своето второ четвртфинале во историјата, откако лани стигнаа и меѓу најдобрите четири тима во Европа. Сити моментно се наоѓа во серија од девет меча без пораз на домашен терен (шест победи и три реми).
Монако сезонава еднаш играше во Англија и стигна до победа во Лондон против Тотенхем (1-2) на „Вембли“, а на досегашните осум гостувања во оваа земја „кнезовите“ имаат позитивен скор од четири победи, две реми и само два порази.
„Сменивме многу играчи во последните сезони, но сепак повторно стигнавме до осминафиналето. Тоа е одлично бидејќи покажавме дека се уште играме на највисоко ниво, иако имаме само два-три играчи од тој фантастичен меч со Арсенал во Лондон. И ние и Сити сакаме да играме офанзивен фудбал со технички надарени играчи, буџетите на двата клуба се неспоредливи, но сепак сум оптимист дека можеме пак да дојдеме до изненадување на вечерашниот натпревар“ – изјави португалскиот стратег на чело на Монако, Леонардо Жардим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА