Монако се наоѓа во незавидна ситуација да брка два гола негатива на вечерашниот реванш во Манчестер сити, но „кнезовите“ се оптимисти дека можат да го земат скалпот на фаворитот против кого два пати имаа водство на првиот натпревар во Манчестер. Во прилог на тимот од „малото кнежевство“ оди и традицијата, која вели дека Монако во петте пресметки во нокаут фазата од европските купови против ривали од Англија, дури четири пати успеал да се пласира во следната рунда.
Монако се сретна со Њукасл во март 1997 година во четвртфиналето од Купот на УЕФА, каде со триумф од 4-0 (двоен стрелец беше Али Бенарбија) „кнезовите“ си го обезбедија пласман во полуфиналето. „Црвено-белите“ предводени од младиот Давид Трезеге се сретнаа со Манчестер јунајтед во четвртфиналето од ЛШ во 1998 година. По ремито од 0-0 во Монако, францускиот претставник одигра 1-1 на реваншот на „Олд трафорд“ и го елиминираше англискиот фаворит.
Серијата продолжи во сезоната 2003/2004, кога во полуфиналето од ЛШ се сретна со Челси, во првата година на Роман Абрамович како газда на лондонскиот клуб. Мориентес, Пршо и Нонда беа стрелци на головите за големиот триумф од 3-1 на „Луј втори“, за потоа реваншот во Лондон да заврши без победник, 2-2 (стрелци за Монако беа Ибара и Мориентес), за историско финале на „кнезовите“, кои потоа во битката за трофејот загубија од Жозе Мурињо и Порто со убедливи 3-0.
Квалитетот на незгодниот француски ривал на своја кожа го осети и тимот на Арсенал, кој пред две сезони се сретна со „кнезовите“ во осминафиналето од Лигата на шампионите. Првиот меч во Лондон заврши со неочекуван триумф на Монако од 1-3, по што на Арсенал не му помогна ниту победата од 0-2 на реваншот во Монако.
Овојпат предизвикот е поголем, Монако брка два гола негатива од првиот натпревар, но „кнезовите“ важат за тим што лесно постигнува погодоци и сигурно нема да се откажат се до последниот свиреж на судијата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА