Новиот спортски директор на Рома, Рамон Вердехо – Мончи ерата во римската престолнина ја започна со победа на гости против Пескара од 1-4. „Волчицата“ предводена од главните ѕвезди Наинголан, Ел Шарави, Салах, му посакаа добредојде со четири гола во мрежата на Пескара, но прашање е дали овие игри на фудбалерите ќе им гарантираат место во тимот и за следната година, или пак Мончи веќе во главата го има замислено идеалниот тим со неколку измени.
Шпанскиот генијалец за трансфери прво ќе треба да ја реши ситуацијата со Спалети, поточно тренерското место. Спалети вели дека сам ќе ја напушти Рома доколку не ја остварат неговата цел, а по сите изгледи ќе се пласираат директно во Лигата на шампионите. Но, италијанскиот стратег го сакаше и трофејот во Купот на Италија, каде доживеаја шок од градскиот ривал Лацио, кој за трофејот ќе се бори со Јувентус.
Мончи имаше одлична соработка со Унаи Емери во Севилја, заедно освоија три титули во Лигата на Европа и тоа три години по ред, што е рекорд во европските купови, па имаше многу шпекулации дека токму Емери ќе ја предводи Рома, но кормиларот на ПСЖ засега останува во Франција, барем до крајот на сезоната. За тренерското место се споменува и Марселино Гарсија, поранешниот тренер на Вилјареал, кој исто така соработуваше со Мончи во Севилја, но само една сезона без некој посебен успех.
Што се однесува до тимот, Мончи ќе има тешка задача да задржи неколку главни фигури во составот. Един Џеко сезонава е во голгетерска форма, Босанецот конкурира за наградата златна копачка во Серија А, а заедно со Белоти од Торино имаат по 25 гола. За Раџа Наинголан веќе две години се најавува дека ќе го напушти Рим, но Белгиецот и натаму ги брани боите на Рома, иако е желба неисполнета на Конте. Мохамед Салах исто така е во одлична форма. Вчера постигна два гола против последнопласираната Пескара, а во лигата има вкупно 13, со девет асистенции. Најголем проблем Мончи ќе има со Костас Манолас. Грчкиот репрезентативец од следната сезона треба да го носи дресот на Интер, како што најавуваат италијанските медиуми, но Мончи сепак ќе замеша прсти за да го задржи одличниот Грк во редовите. За него има понуди и од Англија, Мурињо е голем фан на неговата игра, а и Челси го следи Манолас како опција за зајакнување на одбраната.
Кога се засилувањата во прашање, Мончи засега останува мирен, но има интерес кон еден играч со кој порано соработуваше во Севилја, а оваа сезона не игра баш најдобро. Гжегож Криховјак во пакет со Емери се пресели во ПСЖ сезонава, но по слабиот старт во лигата, го изгуби местото во првиот тим. Одигра само единаесет натпревари во француското првенство, додека шест пати настапи во Лигата на шампиони, но сето тоа е малку за фудбалерот кој беше еден од главните адути на Емери во Севилја, а сега повеќе настапува за резервите на ПСЖ.
Францускиот првак го купи за 33 милиони евра, па ќе гледа да го продаде за поефтина сума, за да може Полјакот да си ја спасува кариерата. Пред доаѓањето на Мончи, Рома наводно се договори со Аталанта околу услугите на Франк Кеси, 19-годишниот фудбалер од Брегот на Слоновата Коска, кој брилјира сезонава и е еден од најбараните таленти во Европа. Познато е дека Конте за него е спремен да одвои огромна сума на пари, но Кеси постигнал преддоговор со Римјаните за сума од 28 милиони евра.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА