Монеке пред потпис со Црвена звезда

Кошаркарот на Басконија, Чима Монеке е блиску до договор со Црвена звезда, пишуваат српските медиуми.

Нигериското крило наскоро би требало да го засили тимот од „Мал Калемегдан“, доколку не дојде до неочекуван пресврт. Работата се уште не е завршена, но склучувањето на договорот би можело да се реализира во блиска иднина. Се споменува дека се работи за двегодишна соработка.

Поранешниот играч на Сакраменто настапува за Басконија од 2023 година, а пред да замине во Шпанија беше член на Монако. Во неодамна завршената сезона од Евролигата, тој имаше просек од 14 поени, 6,1 скока и 2,3 асистенции по натпревар, шутирајќи 50 отсто од поле.

Познато е и дека во минатото Партизан беше заинтересиран за Монеке, но неговиот трансфер во тимот на Жељко Обрадовиќ тогаш не се случи.

Поранешниот МВП на Лигата на шампионите на ФИБА (2022) играше во Европа и за Руан, Данен, Кемпер, Орлеанс и Манреса.

Се вчитува...