Освојувачката на девет грандслем титули, легендарната тенисерка Моника Селеш првпат јавно откри дека боледува од ретка болест – Мијастенија гравис, невромускулна болест која предизвикува замор дури и при најмал напор.
Селеш првите симптоми ги забележала пред три години додека играла тенис со семејството и пријателите, по што е дијагностицирана болеста.
„Додека играв рекреативен тенис во еден момент ми изгледаше дека гледам две топчиња и тоа се симптоми кои не можеш да ги игнорираш. Тоа беше почеток на мојот пат со болеста, ми требаше време да прифатам и да зборувам отворено, бидејќи навистина беше тешко, болеста ми го менуваше секојдневието“ – вели 51-годишната Селеш.
Моника вели дека никогаш претходно не слушнала за болеста…
„Дури и држењето на фенот додека сушев коса ми беше тешко. Тоа се навистина чудни моменти, сега комплетно се е сменето и многу внимавам“ – призна поранешната светска шампионка која со отвореното зборување на оваа тема, како што вели, сака да ја подигне свеста за оваа болест и да помогне на другите кои се соочуваат со истата ситуација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

