Кошаркарскиот клуб Вардар за недела планира со пригодна свеченост да го одбележи својот јубилеј – 70. години од постоењето на овој колектив како дел од Спортското Друштво Вардар. Воедно, „црвено-црните“ на денешната прес-конференција ја објавија монографијата „Вардар бил и ќе остане засекогаш“, како осврт на 70-те години низ кои Вардар бил дел од југословенската и македонската кошаркарска сцена.
„Речиси целиот мој живот сум дел од Вардар и горд сум на сето она што го имаме остварено, горд на концептот во кој се инсистира на македонски играчи без оглед на трендот на бројни странци во останатите клубови. Ние нема да отстапиме од тој концепт ниту во иднина, бидејќи сметаме дека тоа е вистинскиот начин за развој на кошарката“ – изјави претседателот на клубот, Владо Воиновски.
Тихомир Матевски, кој речиси целиот свој живот го мина во КК, Вардар, како играч, тренер, а потоа и како прв човек во управата, изрази задоволство за изработката на монографијата, како сублимат на сето она што „црвено-црните“ го минале како клуб низ својата историја.
„Ова е нешто уникатно за КК Вардар, толку години сум дел од клубот, ова е првпат целата историја да биде систематски поставена на едно место. Ова е нешто што ќе остане за следните генерации, се надевам на уште поуспешни моменти во иднина, да се надградува и со резултати и со нова историја“ – истакна Матевски.
Бране Андриевски е прв човек во младинската школа на клубот, која бележи одлични резултати доминирајќи на повеќе возрасни категории во изминатите години.
„И јас славам своевиден јубилеј, бидејќи навршуваат десет години од моето доаѓање во овој клуб и можам да кажам дека овој период многу јасно увидов што всушност значи Вардар и горд сум што сум дел од овој колектив“ – порача Андриевски.
Како дел од клупската прослава в недела ќе бидат доделени плакети и медали на најзаслужните лица низ историјата на „црвено-црното“ кошаркарско семејство. Воедно, ќе бидат одиграни и два ревијални натпревари, првиот меѓу женската екипа на Вардар и кошаркарската секција од Спортската Академија, a вториот ќе биде дуел меѓу машката екипа на „црвено-црните“ со селекција на играчи кои во изминатите години го носеле дресот на овој клуб како Симоновски, Ѓуроски, Стајиќ, Пајиќ, Ефремовски, Крстевски…
Монографијата „Вардар бил и ќе остане засекогаш“ е авторско дело на редакцијата на ЕКИПА.мк.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА