Европскиот првак Монпелје игра очајно сезонава, поради што раководството на францускиот гигант најавува ремонт за наредната сезона, а на листата со желби на тренерот Патрис Канаје се наоѓа и еден член на Вардар. Станува збор за Вуко Борозан, „црногорскиот бомбардер“ кој се рехабилитира од операцијата по хроничната повреда што ја влечеше подолго време.
Неодамна интерес за услугите на Борозан искажа и Барселона, но челниците на Монпелје се оптимисти дека ќе успеат да се договорат со агентот на Црногорецот за негова преселба во Франција. Медиумите од Франција како проблем го посочуваат фактот дека Борозан има договор со Вардар до 2021 година, но истовремено и за шанса за Монпелје го сметаат „распадот“ на Вардар, поточно најавеното заминување на Сергеј Самсоненко од македонскиот клуб.
Финансиските проблеми придонесоа Самсоненко минатото лето да го откаже раководењето со женскиот клуб, Русинот сега се обидува да се откаже и од ФК Вардар (прво мора да ги подмири насобраните долгови), а големи се шансите на крајот од сезонава Русинот да престане со спонзорирање и на машкиот ракометен колектив.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА