Кире Лазаров со Нант загуби на гостувањето кај Монпелје со 33-28 во дербито од 24.коло во првенството на Франција. Монпелје кој ќе му биде противник на Вардар во полуфиналето на Ф4 турнирот од ЛШ во Келн, со оваа победа одново се враќа на лидерската позиција на табелата со 43 бода, два повеќе од ПСЖ. Нант останува на третата позиција со 33 бода.
По изедначената игра во првите десет минути, Монпелје ја презеде иницијативата и се одлепи на +5 (15-10). Но, гостите во финишот на полувремето успеаја да постигнат три гола во серија и да намалат на 15-13.
Притисокот на Нант продолжи и на стартот од второто полувреме. По пет минути игра избраниците на Тиери Анти дојдоа до изедначување (16-16), а потоа и до водство со 17-18. Гостите на средината од вториот дел имаа и два гола предност (19-21). Но, Монпелје се врати во игра, постигна пет гола во серија и направи решавачка предност поведувајќи до 25-21. Кире Лазаров конечно ја прекина лошата серија на Нант кој десет минути беше без постигнат гол. Сепак домашните ракометари ја сочуваа предноста и предводени од извонредниот Винсент Жерар на голот, на крај славеа победа.
Лзаров го заврши натпреварот со три погодоци од пет обиди, а најефикасен кај Нант беше Никола Турна со шест гола. Монпелје во триумфот го предводeше Мишел Гигу со по осум гола, по шест погодоци постигнаа Мелвин Ричардсон и Вид Кавтичник, а Жерар го заврши мечот со 14 одбрани.
До крајот на шампионатот во Франција на Нант му преостануваат дуелите со Шамбери и со Маси Есон, а му претстои и настапот на Ф4 турнирот од Лигата на шампионите во Келн и полуфиналната пресметка со ПСЖ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА