Монпелје со гостинско реми против Фленсбург на чекор до Ф4 во Келн

Во неизевесен и до крај изедначен дуел, Фленсбург и Монпелје одиграа нерешено 28-28 во првиот натпревар од четвртфиналето во Лигата на шампионите. Францускиот тим има гостински бод и голема психолошка предност пред реваншот на 29 април во Монпелје, и е чекор поблиску до сензационален пласман на Ф4 турнирот во Келн.

Монпелје во поголем дел од првото полувреме беше во предност со 1-2 гола разлика. Дури на две минути пред крај на првиот дел, Фленсбург успеа прв пат да дојде на +2 поведувајќи со 16-14, а со два гола предност домаќините го завршија полувремето (17-15).

Винсент Жерар беше сигурен на голот на Монпелје и на стартот на вториот дел му отвори шанса на францускиот тим одново да фати резултатски приклучок. Монпелје тоа и успеа да го направи, се одбрани со играч помалку на терен и со погодокот на Вит Кавтичник дојде до ново изедначување на 19-19 во 38.минута од натпреварот. Кавтичник беше прецизен и од седум метри и Монпелје поведе со 19-20. Невниманието и грешкитре во нападот на Фленсбург, беа експресно казнети од гостинскиот тим кој направи серија од 3-0 и на средината од второто полувреме поведе со 20-23.

Погодокот на Хампус Ване од седмерец за 25-25 донесе нова неизвесност на девет минути пред крај од натпреварот во „Фленс Арена“. Изедначено (26-26) двете екипи влегоаа и во завршните пет минути.

На една минута пред крај при водство од 27-28, Монпелје не искористи зицер за победа откако Матијас Андерсон ја обрани контрата на Кавтичник. Фленсбург веднаш казни со изедначувачки гол за 28-28. Французите не го искористија ни последниот напад за триуф, а не поентираше ни Фленсбург и мечот заврши без победник.

Ласе Сван и Расмус Лауге Шмит постигнаа по пет гола за Фленсбург, а  Матијас Андерсон запиша 12 одбрани на голот. Лудовик Фабрегас беше најефикасен во составот на Монпелје со седум гола, по шест гола постигнаа Јонас  Трукановичиус и Вит Кавтичник, а одлична партија на голот имаше Винсент Жерар со 15 одбрани.

Во другите четвртфинални дуели во ЛШ играат: Кил-Вардар, Скјерн – Нант и ПСЖ – Кјелце.

Се вчитува...