Тренерот на Севилја, често оспоруваниот Винчензо Монтела, конечно ги доби своите пет минути. Чудно е патешествието на „Аеропланино“ во изминативе неколку месеци.
Минатото лето заедно со раководството на Милан потрошија 200 милиони евра за да состават нов тим, сите очекуваа експресни резултати, но тој забрзо се најде на излезна врата. Во јануари на изненадување застана на клупата на Севилја, и таму имаше турбулентен старт, но се се промени откако успеа да го надмудри Мурињо и да го елиминира Манчестер јунајтед од Лигата на шампиони, и тоа во голем стил.
Во разговор со италијанските медиуми, Монтела ја отвори душата околку периодот на „Сан Сиро“, при тоа потенцирајќи дека му било потребно повеќе време за да го најде вистинскиот рецепт со новите играчи.
„Платени сме да бидеме жртви. Работев најдобро што можев, нормално дека правев грешки како и сите други. Минатото лето пристигнаа 10 нови фудбалери, повеќето од нив доаѓаа од други лиги без никакво интернационално искуство. Некои очекуваа експесни резултати, но голем дел од новите играчи никогаш не освоиле трофеј, им требаше повеќе време да се адаптираат. Раководството требаше да има поголемо трпение, да ми дадат повеќе време да ја спасиме сезоната. Се надевав дека со добриот старт ќе стекнеме самодоверба“, истакна Монтела.
Под водство на Џенаро Гатузо, Милан повторно е во борба за едно од местата кое води во Лигата на шампиони, но Монтела вели дека сега не го интересира во каква состојба се наоѓаат „росонерите“.
„Не ја следам толку лигата сега откако не сум дел од неа. Знам само дека Милан е во подем, но тоа е зошто Интер и Лацио го изгубија чекорот со Наполи и Јувентус. Очигледно се вратија во трката за топ 4, но дали ќе успеат да обезбедат место кое води во Европа, ќе видиме по крајот на сезоната“, додаде Монтела.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА