Новите газди на Милан планираат амбициозни засилувања во претстојниот преоден рок, а на врвот на нивната листа со желби се наоѓа Пјер Емерик Обамејанг. За овој фудбалер сериозен интерес покажуваат и Манчестер сити и Реал Мадрид, но „росонерите“ се оптимисти дека ќе успеат да го убедат Обамејанг да ја прифати токму нивната понуда.
Впрочем, токму затоа тренерот Винченцо Монтела беше присутен синоќа на „Луј втори“, на дуелот меѓу Монако и Борусија Дортмунд. Стратегот на „росонерите“ беше во друштво на новоизбраниот директор Масимилијано Мирабели, а италијанските медиуми објавија дека причината е токму Обамејанг, кој пак немаше позабележителен настап на синоќешниот натпревар. Без оглед на тоа, фудбалерот од Габон останува еден од најпосакуваните голгетери на „пазарот“ за летниот преоден рок, а новите кинески газди на Милан се свесни дека токму со едно вакво суперзасилување би ја потврдиле сериозноста на својот проект.
За очекување е Милан да понуди најмалку 70 милиони евра, но останува да се види како „росонерите“ би успеале да го убедат самиот фудбалер, кој не доби шанса за докажување во овој клуб во периодот од 2008 до 2011 година, по што си замина во Франција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА