Севилја беше декласирана од Барселона во финалето од Копа дел реј, па на тренерот Винченцо Монтела не му преостана ништо друго освен да му честита на ривалот за заслужената победа. Најголемиот дел од комлиментите заминаа на адреса на Андрес Иниеста, кој одигра фантастично, постигнувајќи и еден гол во своето последно куп-финале пред трансферот во Кина.
„Тој заслужува само честитки. Игра како да има 25 години, со истата желба и луцидност како и секогаш. Не знам како му успева, но едно е сигурно, нема друг како него во светот на фудбалот ниту пак ќе се појави во скоро време“ – истакна Монтела.
Италијанскиот стратег остана да жали за нереализираните шанси при резултат 0-1, при што финалето сигурно ќе добиеше поинаков тек.
„Ова не е наш најдобар период, а Барса одигра фантастичен натпревар. Кога ќе влезат во ритам никој не може да им парира, а ние имавме две три шанси по новиот прв гол да се вратиме. Не успеавме, а потоа на сцена стапија Иниеста, Меси, Суарез… Веќе немаше надеж кога поведоа со 3-0“ – реален беше тренерот на Севилја.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА