„Монументал“ затворен – дали и каде ќе се игра Супер Класико?

Се беше подготвен за ново фудбалско шоу меѓу Ривер плата и Бока јуниорс, но синоќешниот реванш од финалето на Копа Либертадорес не се одигра откако навивачите на Ривер го торпедираа автобусот на госстинскиот тим додека пристигнуваше на стадионот „Монументал“. По долги разговори и убедувања гостите останаа на ставот мечот да биде одложен за недела во 21 часот, но постои сериозна опасност финалето да не се игра ниту денесска откако аргентинските власти донесоа одлука за затворање на легендарниот стадион на Ривер.

Ваквата одлука е донесена доцна синоќа по серијата инциденти и пресметките меѓу навивачите на Ривер со полицијата надвор од стадионот, по што градските власти решија да ги затворат вратите од стадионот иако КОНМЕБОЛ го презакажа реваншот за вечерва во 21 часот.

Аргентинските медиуми во последните неколку часа се појавија со бројни шпекулации, но најрелевантните тврдат дека градот Буенос Аирес ќе изрече ригорозна казна што Ривер ќе мора експресно да ја плати за „Монументал“ да биде отворен навреме за фудбалската битка да може да се одржи според планираното.

Извори блиски до Бока јуниорс не ја исклучуваат можноста гостите да пристигнат на стадионот, но да одбијат да играат и потоа да бараат победа на „зелена маса“. Во Ривер пак тврдат дека гостите намерно се премислиле и наместо да дојдат на „Монументал“ по сигурната рута преку автопат, се решиле да патуваат по тесни улички и со тоа ги испровоцирале навивачите да дојде до инцидент.

Времето изминува, а се уште нема точна информација дали и каде ќе се игра реваншот закажан за 21 часот.

Се вчитува...