„Мора да поставуваме секогаш реални цели кога е во прашање репрезентацијата – во ФФМ има докажани фудбалски лица кои ја знаат струката!“ (ВИДЕО)

Во најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК гости членовите на златната вардарова генерација од 2003 година и поранешни македонски репрезентативци Влатко Грозданоски и Никола Ѓошевски.

Влатко Грозданоски, кој до неодамна беше прв помошник на Боби Милевски во А-репрезентацијата, меѓу бројните теми на разговор во најновиот подкаст на „ПРЕСИНГ“ и за новите промени во националниот тим и очекувањата од оваа година во која не чекаат баражот за СП 2026 но и за првпат во историјата Б-дивизијата од Лигата на нации.

“Мислам дека посебно за селекторската функција треба да се даде време. Треба да се даде минимално две години. А, тоа е да кажам ајде два циклуса, вклучувајќи ја тука Лигата на нации. Резултатите секогаш се меродавни. Резултатите треба да бидат најважни, меѓутоа за да очекуваме резултати, треба да имаме јасна цел. За да имаме резултати, треба да бидеме и реални и реално да анализираме некои работи. Не можеме да очекуваме Македонија да учествува на секое светско и европско првенство. Сега да му поставиш цел на новиот селектор Гоце Седловски, дека мора тој наредни два циклуса да се пласира на светско, тоа е нереално“ – вели Грозданоски и дополнува:

„Јас верувам дека во Фудбалската федерација имаат јасни цели и знаење. Сепак, има доста фудбалски легенди и фудбалски луѓе сега во федерацијата коишто ја познаваат проблематиката, ја познаваат струката и верувам дека знаат што прават и дека во наредниот период ќе следуваат успеси за Македонија. Посебно треба, нели, да се стави акцент на работата во тие млади категории У-21 и пониските селекции, затоа што од таму ние ги црпиме следните А-репрезентативци. Работата во тие селекции и тоа како е важна, погледнете го ростерот сегашен на нашата А-репрезентација и видете колку од тие А-репрезентативци предходно поминале низ циклусот во младата репрезентација. Така да, мислам дека имаат јасна цел, знаат што треба да направат во следниот период, заедно со, нели, подобрување на условите во нашата лига, во инфраструктурата. Верувам дека работите ќе тргнат на подобро”.

Што би било успех во групата во Б-дивизијата во Лигата на нации во која сме со Швајцарија, Шкотска и Словенија, а што ќе биде неуспех?

„Силна група, да не се лажеме, сите тие репрезентации, па и Словенија е со подобар рејтинг од нас. Секако дека ќе претставува успех да останеме во таа дивизија. Едни одлични тест натпревари, иако се официјални, да кажам, тест натпревари за нашиот квалитет. Швајцарија, по мене можеби е и најквалитетна, иако Шкотска е, нели, од тој прв шешир. Сепак, секако верувам дека ние имаме квалитетни фудбалери и можеме да се носиме со тие репрезентации. Тоа се шест натпревари и за мене целта и успех е секако да се остане во таа дивизија“ – вели Грозданоски, на кого се надополнува и Никола Ѓошевски.

„Се согласувам со Влатко. Добивме една силна група, реално, репрезентации посилни од нас. Нели, ние си имаме свој квалитет којшто сме го покажале многу пати. Моето лично мислење е дека многу ќе зависи од индивидуалната форма на фудбалерите во тој момент кога се играат тие натпревари, бидејќи тоа е многу важно за една репрезентација. Многу пати порано сме имале периоди кога нашите најдобри играчи не играле стандардно и тоа се ефектуирало и на теренот. И многу ќе зависи од формата генерално на сите фудбалери коишто играат во таа селекција во тој момент. И зависно од тоа ќе бидат нашите очекувања дали да се поголеми или помали“ – вели Ѓошевски.


====================================================

ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО ВЛАТКО ГРОЗДАНОСКИ И НИКОЛА ЃОШЕВСКИ ГЛЕДАЈТЕ ГО ТУКА…

Се вчитува...