Бразилскиот интернационалец Рожерио Мораеш не го крие задоволството по големата победа забележана на гостувањето против Кил. Тој беше дополнително мотивиран поради фактот дека против себе го имаше својот поранешен клуб, играјќи извонреден натпревар со пет постигнати гола од вкупно шест обиди.
„Мислам дека покажавме добра игра, бевме одлични во вториот дел, но потоа направивме грешки и му дозволивме на Кил да се врати. Јас лично бев многу мотивиран бидејќи сакав да му кажам „Фала“ на Гисласон поради шансата што ми ја даде во Кил. Тоа ми беше прва година во Европа и се соочив со потешкотии на професионално и на приватно ниво. Сега сум член на Вардар, ја освоив Лигата на шампионите и имав можност да играм против врвни тимови како Барселона и ПСЖ. Денеска сум подобар играч благодарение на Раул, кој е одличен учител и му помогна да одам напред. Секој ден работам напорно за да бидам уште подобар“ – изјави Мораеш.
„Вардарци“ ќе имаат предност од еден гол во пресрет на неделниот реванш, но Бразилецот е свесен дека задачата во Скопје воопшто нема да биде лесна.
„Очекувам жестока борба. Кил нема да се предаде, но салата ќе биде полна и убеден сум дека ќе имаме огромна поддршка од нашите фанови. Мое мислење е дека играме подобро од минатата година, немавме премногу промени во играчкиот ростер и тоа ни помогна уште подобро да се воиграме. Ја освоивме СЕХА, сега се бориме и за место на фајналфор турнирот од ЛШ. Ќе сториме се за да се најдеме во Келн, а потоа секако и да ја одбраниме титулата“ – порачува бразилскиот ас во редовите на Вардар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА