Од денеска веќе е и официјално, Рожерио Мораеш на крајот од оваа сезона ќе го напушти Вардар и својата кариера ќе ја продолжи во дресот на Веспрем. Унгарскиот гигант веќе извесно време преговараше со пивотот на „црвено-црните“, по што сите услови конечно беа договорени, па Мораеш денеска го потпиша договорот со Веспрем, со важност на две години, со можност за продожување за уште една дополнителна сезона.
Само за потсетување, Мораеш пристигна во Вардар од редовите на Кил, откако не се избори за место во првиот тим на „зебрите“. Тој сепак успеа да се наметне кај Раул Гонзалес и беше дел од тимот на „вардарци“ кој го оствари најголемиот успех во клупската историја – освојувањето на титулата во Лигата на шампионите.
Овој 25-годишен ракометар заминува во Веспрем на барање на тренерот Давид Дејвис, кој му беше десна рака на Гонзалес во стручниот штаб на „вардарци“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА