Охридското „чудо од дете“, неверојатниот Марко Пејчиновски, не успеа да го комплетира соло-маратонот во должина од 64 километри, што го посвети на лицата со ретки болести. Малиот охридски херој измина неполни 12 километри, минувајќи во водата четири часа и 49 минути, кога поради големи болки во ногата беше приморан да го прекине подвигот во близина на Градиште.
Целта на Марко беше да се обиде да преплива таканаречениот триаголник Охрид – Св. Наум – Струга – Охрид, но за жал болката беше преголема, 13-годишното дете даде се од себе за да продолжи, но кога стана јасно дека продолжувањето е невозможно реши да го прекине соло-маратонот.
Без оглед на фактот дека овој подвиг изостана, 13-годишниот Марко останува вистински херој и пример, не само за врсниците туку и за сите жители на Македонија. Тој се реши за овој тежок подвиг исклучиво од хумани причини, да помогне да се подигне јавната свест и грижата за лицата со ретки болести кои секојдневно водат маратонска битка за живот. И успеа во тоа, за момент, на сите нас е да ја одржуваме свеста за потребите на овие лица.
За потсетување, минатата година Марко Пејчиновски го преплива Охридското Езеро од Св. Наум до Охрид и стана најмладиот пливач во историјата кој успеал да ја мине оваа делница.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА