Морент се врати на совршен начин на паркетот: „По осум месеци суспензија, ова е сон…“ (ВИДЕО)

Џа Морент се врати на спектакуларен начин по повеќемесечното отсуство од НБА лигата. Морент беше суспендиран откако во јавност се закануваше со пиштол, но сега на враќањето на терените покажа дека е еден од најдобрите кошаркари во лигата.

Морент се мачеше во првото полувреме по осумесечната пауза од паркетот, а потоа во второто постигна 27 поени од своите 34 поени на мечот на кој имаше и осум асистенции и шест скока, и со звукот на сирената донесе победа за Мемфис со пресрт од -24 поени против Њу Орлеанс од 115-113.

„Работев напорно за ова. Немав одиграно натпревар цели осум месеци. Имав многу време за да научам за себе. Минав низ многу тешки денови, кошарката е мојот живот, ја сакам и терапевтски делува на мене. Навистина сум возбуден што се вратив“ – рече по мечот Морент.

Во последниот напад Мемфис се подготвуваше за одлучувачката акција на 9,6 секунди пред крајот, а Морент за време на тајм-аутот сугерираше да се постави напад за крилниот центар Џерен Џексон.

Но, Дезмонд Бејн почувствува дека е момент за Морент и кога го виде со топката во раце, го отфрлил планот…

„Ми рече, оваа топка е за тебе. Во тој момент морав да се сконцентрирам и да го решам мечот. И успеав“ – вели Морент.

Се вчитува...