Тијаго Мота ги троши последните кредити како тренер на Јувентус откако неговиот тим беше понижен, со елиминација на домашен терен од Купот на Италија од тимот на Емполи.
Мечот по регуларните 90 минути заврши 1-1, а во пенал-рулетот непрецизни беа Влаховиќ и Јилдиз, но „старата дама“ не успеа да стигне до посакуваниот резултат и да се пласира во полуфиналето.
„Ова е срамота, се чувствувам навистина засрамено. Игравме со Емполи, тим што згора на тоа ротираше и одмораше неколку првотимци, а не успеавме да победиме. Секако, и јас сум виновен, бидејќи очигледно ги немам научено фудбалерите што значи да се носи дресот на Јувентус. Во животот мора да заслужите нешто, а во овој тим сите нешто очекуваат, без да го заслужат со макотрпна работа“, критичен беше Мота кон своите фудбалери.
„Старата дама“ дефинитивно ќе остане без трофеј и оваа сезона, а во наредните месеци „црно-белите“ од Торино ги очекува жестока битка за Топ 4 и место во ЛШ за следната сезона.
„Мораме добро да се преиспитаме до каде сме, зошто ни се случува ова. Мораме да се вратиме на основите на фудбалот, но и на животот. Ни треба да имаме став, да се бориме, да се дава се од себе на секој тренинг, на секој натпревар“, порача Тијаго Мота.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

