Федерико Киеза во иднина нема да го носи дресот на Јувентус, потврди синоќа Тијаго Мота откако управата донела таква одлука за да го натера италијанскиот репрезентативец што поскоро да си замине од таборот на „црно-белите“. Крилниот офанзивец има уште помалку од 12 месеци од договорот со Јуве, па раководството на клубот сака што поскоро да го продаде за да не дозволи тој следното лето без никаква отштета да си замине од Торино.
Киеза тренира со тимот, но воопшто не е во комбинација за настап на контролните натпревари, а Мота по последниот меч со Брест (2-2) само го потврди она што италијанските медиуми го објавија уште пред неколку дена.
„Киеза е надвор од тимот поради причини поврзани со трансфер. И тоа не е единствениот, во таа група на играчи се уште и Костиќ, Шчесни, Мекени, Де Шилјо и Ругани. Бевме искрени со нив, тие се квалитетни играчи, но мора да си бараат нов клуб. Таа одлука е донесена од страна на управата и јас максимално ја почитувам и ја поддржувам“, изјави Мота.
Проблемот за Јувентус е што досега „старата дама“ не доби ниту една понуда за Киеза, што придонесе и неговата цена да се спушти и под 30 милиони евра. Се очекува тој да остане во Италија, ако се знае дека досега најзаинтересирани делуваа челниците на Наполи и на Рома.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА