Маверик Вињалес е победник на суперинтересната трка што се возеше попладнево на патеката „Ле Ман“ во Франција. Валентино Роси, кој влезе како лидер во генералниот пласман во оваа трка, се наоѓаше на прагот на нова радост, но искусниот мотоциклист направи две почетнички грешки, па имаше вистинско фијаско во последниот круг.
Имено, откако на пет круга до крајот го издржа налетот на Јохан Зарко во битката за второто место, Роси тргна во лов на лидерот Вињалес. На три круга до крајот „докторот“ го мина шпанскиот мотоциклист и се најде на чело на колоната, а откако влезе во последниот круг и беше еуфорично поздравен од верните фанови, тој неочекувано направи две огромни грешки.
Најрвин прешироко влезе во еден свиок и му овозможи на Вињалес да се врати на првото место, а потоа на само три свиоци пред крајот во обид да го стигне големиот ривал, Роси излета од патеката и остана без ниту еден бод од оваа трка. Второто место на крајот го освои Зарко, а третопласиран беше Дани Педроза, пред Довициозо и Крачлоу.
Маверик Вињалес со победата на оваа трка успеа да се искачи и на чело во генералниот пласман, со 85 бода, Роси остана на 78, а зад италијанскиот „доктор“ се наоѓаат Шпанците Педроза со 65 и Маркез со 58 бода.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА