Во сезоната 2024 боите на Мотоклубот „Ендуро Тим Водно“ од Скопје ќе ги бранат вкупно 18 лиценцирани мотоциклисти, од кои 10 се во јуниорска конкуренција. Меѓу натпреварувачите има и едно девојче, кое е единствено во Македонија во овој спорт.
Сезоната ќе брои сигурни три трки во македонскиот шампионат и повеќе од шест меѓународни натпреварувачки викенди, на кои вторно очекуваме резултати како и минатите сезони, па дури и подобрување на остварувањата на нашите возачи. Во нашиот клуб, меѓу актуелните возачи, има тројца шампиони од минатата сезона.
„Од сезоната очекувам прво место во мојата категорија MX2. Досега трипати бев шампион во категоријата MX85 и двапати во категоријата MX2, со што ја освоив и златната кацига со трите последователни пехари. Би сакал да настапам и на меѓународната сцена, но тоа ќе зависи од средствата кои ќе ги обезбедиме. Чувствувам дека во сезоната што претстои, можам да напредувам резултатски и во искуството што би го стекнал на патеките. Македонија има огромен потенцијал за овој спорт, но потребна ни е поддршка од релевантните институции и од потенцијалните спонзори“ – вели Антонио Дамјановски.
Ендуро Тим Водно – Скопје е меѓу најуспешните мотоклубови и воопшто спортски колективи во Македонија, со 11 титули во нашата историја. Во рамките на сезоната 2024 ќе се натпреваруваме во две категории – ендуро и мотокрос, во повеќе категории.
„Јас сум единственото девојче меѓу натпреварувачите во Македонија, но тоа не ми пречи да се натпреварувам и да бидам конкурентна. Сезоната што претстои ќе биде исклучително возбудлива, а јас во мојата категорија MX85 очекувам да ја подобрам 8-та позиција во вкупниот пласман, на која се пласирав во текот на минатата сезона. Би сакала и понатаму да се натпреварувам во мотокрос и да бележам се подобри резултати во сите категории, како ќе напредувам“ – дополнува Ева Дамјановска, на која се надополнува и Марко Поповски.
„Како најмлад натпреварувач во мојот тим, со 8 години, очекувам да напредувам во следната и во наредните сезони кои ќе следат. Посакувам да има што повеќе трки и што повеќе можност за докажување на најмладите мотоцикилсти. Меѓу нас има многу талентирани деца на кои треба да им се пружи шанса за развој во нашиот спорт“.
Натпреварувачи на „Ендуро Тим Водно“
- Ева Дамјановска
- Кристијан Николовски
- Петар Петрушевски
- Марко Петрушевски
- Матео Јанковски
- Михаил Стојков
- Марко Поповски
- Виктор Андреевски
- Антонио Дамјановски
- Огнен Тодоров
- Ангелче Стојковски
- Лука Луканоски
- Владимир Димов
- Един Драголовќанин
- Мартин Караколев
- Андреј Милковски
- Новак Калеников
Тренер: Виктор Караколев
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА