Новата сезона во МотоГП стартува овој викенд со трката за ГН на Катар, на патеката во Доха, а гледачите и возачите пред стартот на шампионатот ги развесели одлуката на Светската мотоциклистичка организација, дека и оваа сезона покрај најдобрите мотоциклисти ќе бидат атрактивните „грид-девојки“. За разлика од раководството на Формула 1 кое ги тргна девојките од патеката и сезонава за прв пат возачите ќе ги придружуваат деца, во МотоГП решија да ги задржат „грид-девојките“.
Атрактивните хостеси ќе се грижат на возачите ништо да не им недостасува непосредно пред трките, ќе ги штитат со чадори од дожд или од сонце за да можат подготвени да го дочекаат стартот на трката, а потоа ќе ги придружуваат најдобрите на пат до подиумот.
Некои од мотоциклистите токму меѓу овие девојки ги пронајдоа и своите животни сопатнички. Најзвучни имиња меѓу нив се Валентино Роси и Андреа Довициосо, како и легендарниот Џакомо Агостини кој сопругата Марија ја запознал токму на патеката пред четириесет години.
Во јубилејната 70.сезона на Светскиот шампионат во мотоциклизам за титулата ќе се борат 12 тимови со по двајца возачи, а на распоредот се 19 трки низ целиот свет.
Во „кралската“ категорија во МотоГП двојната последователна титула светски шампион ја брани Шпанецот Марк Маркес.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА