Манчестер Сити и Тотенхем ремизираа 2-2 во дерби-дуелот од второто коло во Премиер-лигата. Лукас Моура е „златна резерва“ на Покетино, постигнувајќи гол веднаш по влегувањето во игра, но „спарси“ имаа и многу среќа откако погодокот на Сити постигнат во судиското продолжение беше поништен со ВАР.
„Граѓаните“ очекувано ја имаа иницијативата од самиот почеток, а до првото водство стигнаа во 20. минута. Де Бруине одлично нафрли кон вториот дирек, каде натрча Стерлинг и ја смести топката во мрежата. Се очекуваше продолжување на доминацијата на домаќините, но Ерик Ламела со прекрасен удар од дваесетина метри го израмни резултатот.
Сити повторно поведе, и тоа повторно на асистенција на Де Бруине, со тоа што улогата на стрелец овојпат му припадна на Серхио Агуеро. Избраниците на Гвардиола доминираа и на почетокот од второто полувреме, а потоа за момент заспаа… и скапо платија за тоа. Лукас Моура во 56. минута влезе во игра на местото на Винкс, а само 22 секунди подоцна Бразилецот најдобро се снајде по еден центаршут и со глава го совлада Едерсон.
Во 92. минута – експлозија од воодушевување меѓу домашните навивачи, Габриел Жезус ја затресе мрежата на Љорис, но една минута подоцна голот беше поништен од ВАР, поради играње со рака на Лапорт неколку секунди претходно.
Ова фантастично дерби заврши без победник, Тотенхем покажа дека може да се носи со ривалот од кого лани ги загуби двата премиерлигашки дуели, додека Гвардиола и неговите избраници сигурно ќе жалат за промашените шанси.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА