МЗТ Скопје и Карпош соколи вечерва во 19 часот во СЦ „Јане Сандански“ ќе ја почнат битката во третиот финален меч од кошаркарскиот плејоф на Македонија. По првите две средби резултатот гласи 1-1, но на кошаркарите на Карпош соколи им е јасно дека доколку сакаат да стигнат до титулата и двојна круна (веќе го освоија Купот на Македонија), ќе мораат најмалку еднаш да го освојат Аеродром. Тоа не е нималку лесна задача, МЗТ игра далеку поквалитетно на домашен терен, па на трите средби во Аеродром против денешниот ривал „металците“ забележаа исто толку победи (74-71 во АБА, 83-61 во Супер-лигата и 77-76 во првиот меч од финалето). Тренерот на „металците“, Анте Назор, е оптимист дека неговите избраници ќе извлечат поуки од очајната партија на вториот меч во Карпош и денеска ќе стигнат до ново водство во оваа финална серија.
„Моите играчи мора да сфатат дека без целосна фокусираност и максимална борбеност нема да може да го остварат посакуваното. Во вечерашниот дуел треба да влеземе без калкулации и конечно уште од самиот старт да почнеме да играме како што знаеме, а не само во последната четвртина. Такво нешто беше доволно во првиот, не во вториот беше предоцна за било каков камбек. Треба постојано да бидеме на рацете на противничките кошаркари за да немаат лесни шутеви од далечина, а исто така да ги браниме адекватно кога ќе добијат топка под нашиот кош. Само така ќе може да дојдеме до победата, која е наш императив на вечерашниот дуел“, изјави Анте Назор во пресрет на вечерашниот натпревар.
Драган Николиќ, кој пред неколку дена ја доби тактичкта битка со Назор, очекува неговите избраници да одговорат на предизвикот и да слават и на еден гостински меч против актуелниот првак.
„Без разлика на тоа што се случуваше во првите две средби од финалето, сето тоа треба да се заборави и фокусот да се насочи само кон тоа што претстои. Било какви прогнози во вакви пресметки се неблагодарни, иако на некој начин секогаш во блага предност е екипата која победила на последниот натпревар. Но, повторно ќе кажам дека е неблагодарно однапред да се го вори што ќе биде или да се прогнозира ваков финален дуел, кој сам по себе секогаш носи посебна приказна. Психофизичката подготвеност одново ќе биде клучен фактор, а екипата која подобро ќе го искористи одморот и поадекватно се подготви за мечот ќе биде во блага предност. Вечерашната средба е важна за двата тима, но не и решавачка за серијата во која многу работу уште можат да се случат. Серијата се игра до три победи, а во моментов е 1-1 што значи дека многу опции се во игра. Не очекувам посебни изненадувања, а натпреварот ќе го реши оној кој има похрабри и помотивирани кошаркари. Се надевам дека тоа ќе биде Карпош Соколи, но да видиме како ќе помине вечерашната пресметка“, изјави тренерот Драган Николиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА