Карпош соколи и МЗТ Скопје вечерва (20 часот, СЦ „Борис Трајковски“) ќе ги одмерат силите во рамките од финалната серија во кошаркарскиот шампионат. „Соколите“ во неизвесниот прв натпревар не успеаја да го земат скалпот на бранителот на трофејот, што беше трет пораз во низа на тимот на Николиќ од градскиот ривал. Во таборот на тимот од Карпош се свесни дека дека денешниот дуел е „да се биде или не“ бидејќи евентуален пораз и негатива од 0-2 ќе значи и речиси сигурно губење на оваа финална серија.
На спротивната страна, „металците“ имаат предност од 1-0, но Анте Назор и по првата победа веднаш стави до знаење дека очекува далеку подобро издание на своите избраници во преостанатиот дел од оваа финална серија.
„Првиот натпревар со Карпош Соколи беше неизвесен и исцрпувачки, нешто што и очекувавме од една финална пресметка. Многу време за одмор немавме и моја желба е на вечерашниот дуел во текот на сите 40 минути да одиграме како во последната четвртина од средбата во која победивме. Дури тогаш бевме оние вистинските, нешто кон што треба да се стремиме во мечот кој е пред нас. Мора да бидеме агресивни, да внимаваме на нивната транзиција и шут од далечина, а истовремено да бидеме трпеливи во нападот, каде што максимално мора да му веруваме на системот“, истакна Назор во пресрет на вечерашниот втор меч од финалната серија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА