Манчестер Сити имаше историска сезона, но Пеп Гвардиола летово се мачи да ги задржи играчите кои дадоа значаен придонес во освојувањето на трофеите. Прв нога повлече Илкај Гундоган, кој како слободен играч си замина во Барселона, Ријад Марез во следните 48 часа ќе го комплетира трансферот во Ал Ахли, а следен на листата играчи кои се пред заминување е Бернардо Силва.
Португалецот не е најзадоволен од статусот што го има во Сити, а во прилог му оди што интерес за неговите услуги искажуваат Барселона, ПСЖ и Ал Хилал. Проблем за Барса е што ќе мора да продаде неколку играчи за да состави буџет за трансфер на португалскиот играч за врска, ПСЖ ќе мора да се ослободи од Мбапе пред да тргне по Силва, па сега на потег е Пеп Гвардиола. Каталонскиот стратег е оптимист дека ќе успее да го премисли Силва и да го убеди да потпише нов договор за да остане уште долго меѓу „граѓаните“. Управата е подготвена да му даде на Силва нов договор во вредност од 300.000 фунти неделна плата, што сепак е далеку помалку од оние 520.000 фунти неделно што Португалецот ги има на маса од Ал Хилал.
Извори блиски до фудбалерот тврдат дека тој не е премногу загреан за преселба во Саудиска Арабија, но дека ставот експресно би му се сменил доколку пристигне конкретна понуда од ПСЖ или од Барселона.
Бернардо Силва е член на Манчестер Сити од 2017 година, кога пристигна во клубот за сума од 50 милиони евра од Монако. Тој има 306 натпревари во дресот на Сити, со 55 постигнати гола и 59 асистенции за „граѓаните“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

