Ракометарите на Металург вечерва (18.45 часот) со гостувањето против Тулуз ја отвораат сезоната во групната фаза од Лигата на Европа. Тренерот Кастратовиќ и неговите избраници ја остварија примарната цел со пласманот во групите од ЛЕ, но во таборот на „металурзите“ не кријат дека сега посакуваат добро да се претстават во групната фаза, зошто да не и да обезбедат пласман во следната рунда од ова европско натпреварување.
Тулуз e фаворит не само на овој натпревар, туку и во борбата за висок пласман во групата, во која покрај овие два тима се наоѓаат уште и Висла Плок, Чеховски Медведи, Адемар Леон и Фиверс. Тренерот Кастратовиќ свесно му ја препушта фаворитската улога на противникот, но не губи надеж дека Металург со добра игра би можел да изненади и да стигне до позитивен резултат.
„Самиот факт дека ќе играме против екипа од францускиот шампионат доволно зборува за квалитетот на нашиот прв противник во Лигата на Европа. Во изминатите дваесетина дена ги анализиравме нивната офанзивна игра и формациската поставеност во одбраната и сметам дека имаме доволно информации за да подготвиме соодветна противигра со која би ги изненадиле и би стигнале до победа и први бодови сезонава. Тулуз има квалитетна и искусна екипа, која на сите позиции е покриена со одлични ракометари, на кои брзата транзиција им е најсилно оружје. Затоа, од првата минута на мечот ќе мораме да влеземе максимално борбено во одбраната и концентрирано во нападот, со единствена цел градење квалитетна и сигурна игра во која техничките грешки ќе бидат сведени на минимум, за да не му се дозволи на противникот да постигнува лесни голови, туку ние да бидеме тие што ќе го диктираат темпото на игра“, вели Кастратовиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА