Жозе Мурињо ќе се обиде да му помогне на Јувентус да го реши најголемиот проблем, откако „специјалниот“ реши да тргне во офанзива за потписот на Душан Влаховиќ.
Јуве се мачи да се ослободи од Србинот кој е најплатен играч во тимот, а има уште една година од договорот и следното лето би можел да си замине без никаква отштета. До лани имаше и сериозни понуди, но летово ниту еден европски гигант не испрати понуда за Влаховиќ, поради што неговата вредност падна и под 30 милиони евра.
Мурињо на тоа гледа како на добра можност да го доведе Влаховиќ во Фенербахче, како одговор за трансферот на Осимен во Галатасарај. Вредноста на српскиот ас падна на 25 милиони евра, а Фенер ќе се обиде дополнително да ја спушти нудејќи 20 милиони за да го осигура потписот на Душан.
Јувентус нема многу избор, мора да се ослободи од Србинот за да има доволно средства во буџетот за да го финишира откупот на Коло Муани од ПСЖ. Во спротивно, Французинот нема да се врати назад во таборот на „старата дама“ и покрај успешната прва позајмица, што сигурно ќе биде огромна главоболка за тренерот Тудор кој на Коло Муани гледа како на прва опција за нападот за наредната сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

