Може ли МЗТ да го освои и „Грипе“: Сплит има богата историја, но и десеткуван ростер

Македонскиот вицепрвак МЗТ Скопје Аеродром вечерва му гостува на поранешниот европски шампион Сплит (19 часот), во меч од 17. коло од АБА2-лигата. Избраниците на Ѓорѓи Кочов врзаа две победи во низа и во ист стил сакаат да продолжат и во Хрватска, во салата „Грипе“.

„Доаѓаме во градот кој има оставено траен белег во европската кошарка и играме против клуб со огромна традиција. Екипата на Сплит има големи проблеми со повредите во текот на сезоната, но и покрај тоа покажа дека можат со секого да се надигруваат дури и без клучните играчи во ростерот. Наше е да излеземе крајно мотивирани и да пробаме да ги искористиме сите слабости на противникот кои ги знаеме. Ако успееме во тоа тогаш ќе можеме да победиме во пресметката со еден крајно незгоден и квалитетен противник“, истакнува тренерот Ѓорѓи Кочов.

МЗТ Скопје Аеродром и на овој меч ќе настапи без стартниот плејмејкер, Лестер Медфорд, но радува фактот дека сите останати кошаркари му се на располагање на стручниот штаб, вклучувајќи го центарот Љубомир Младеновски.

Се вчитува...