МЗТ Скопје ќе се обиде да ја прекине серијата слаби игри во АБА-лигата, па попладнево против Цибона (17 часот) да ја забележи и првата гостинска победа во регионалното натпреварување. Фактот дека и хрватскиот состав се соочува со криза по заминувањето на најдобриот кошаркар Анте Жижиќ им дава надеж на „металците“ дека би можеле да сторат нешто повеќе, но Анте Назор е свесен дека се ќе зависи од играта на неговите избраници, кои во последните три кола се сретнаа со трите најдобри екипи во лигата, Црвена звезда, Партизан и Цедевита. МЗТ има кошмарна сезона во првите неколку месеци, а гостувањето против ослабената Цибона е добра можност македонскиот првак конечно да покаже дел од своите квалитети.
„Ќе мора да бидеме далеку поборбени и пред се подисциплинирани во одбраната ако сакаме да дојдеме до позитивен резултат на ова гостување. Тоа1 значи дека треба да пробаме да ја повториме играта од првите три четвртини против Партизан, но не и таа од последниот дуел со Цедевита, на кој примивме премногу поени. Ќе настојуваме да играме тимски, со многу трчање. Противникот со заминувањето на Анте Жижиќ го промени стилот на игра, помалку инсистира на акции во рекетот, а тежиштето го префрли на надворешните позиции. Нашата шанса е во трпението во офанзивните задачи и во далеку поголемото ангажирање во одбраната, бидејќи без тоа немаме што да бараме во Загреб“ – изјави Назор во пресрет на денешниот натпревар.
Стратегот на „металците“ за овој дуел нема да може да смета на помошта на Синовец и Лалиќ, но затоа добра вест е камбекот на Даниел Кларк. Кај Цибона неизвесен е настапот на Лука Жориќ, кој беше потпишан како замена за Жижиќ, сигурно нема да настапи младиот Славица, а стопроцентно подготвен не е ниту капитенот Рожиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА