Може ли МЗТ да се разбуди токму против Работнички?

МЗТ Скопје се наоѓа во огромна криза кога станува збор за настапите во АБА-лигата, па на сите во таборот на актуелниот првак им е јасно дека денешниот дерби дуел против Работнички (СЦ „Јане Сандански“, 17.45 часот) е идеална можност за враќање на самодовербата пред наредните предизвици во регионалното натпреварување. Тренерот Александар Тодоров досега тактизираше кога стануваше збор за натпреварите од домашното првенство, но дерби дуелите секогаш будат дополнителни емоции, па на стратегот на „металците“ му е јасно дека не смее да си дозволи ново бледо издание што дополнително би ја турнало неговата екипа, на работ на самиот амбис.

Дерби дуелите секогаш се неизвесни и будат силен интерес, без оглед на моментните ростери на екипите. Ние сериозно се подготвувавме за Работнички, за првпат сезонава пред еден меч од домашното првенство правевме комплетен скаутинг и верувам дека добро го анализиравме противникот. Ова ќе биде пресметка на два различни стила на игра, Работнички ќе инсистира на бавен меч, а ние ќе настојуваме да играме најбрзо што можеме“ – изјави Тодоров.

Стратегот на „металците“ има проблем со центарската позиција каде Лалиќ и Трајковски се жалат на повреди, но слични главоболки има и Марин Докузовски, со оглед на фактот дека и Чековски и Бојан Крстевски не се стопроцентно подготвени за настап.

Во таборот на Работнички се решени да ја продолжат серијата победи и на дуелот со градскиот ривал.

„Кризата на МЗТ Скопје во АБА е нешто што не не интересира, ние сме Работнички и насочени сме само на нашата игра. Желбата е јасна, да продолжиме со победата. Клучно ќе биде да ги неутрализираме надворешните позиции бидејќи шутот од далечина е главно оружје на МЗТ“ – истакнува искусниот Ѓорѓи Чековски.

Се вчитува...