Се е подготвено за вечерашниот дуел меѓу Барселона и Интер на „Монжуик“, меч што според сите прогнози треба да претставува нов фудбалски спектакл. Речиси сигурно е дека патникот во големото финале ќе биде решен на реваншот на „Џузепе Меаца“ следната седмица, но нема сомнеж дека Барса ќе настојува да стигне до што подобар резултат пред гостувањето во Милано.
Вечерашниот дуел ќе биде пресметка на најдобриот напад со најцврстата одбрана во ЛШ оваа сезона. Барса делува импресивно во навалната линија, досега има постигнато 37 погодоци во елитното европско натпреварување, но мора да се истакне и дека тренерот Флик за овој меч нема да може да смета на Роберт Левандовски, кој заедно со Рафиња е најдобар стрелец на каталонскиот гигант.
На спротивната страна, Интер ја има најдобрата одбрана, „нероаѕурите“ не примија ниту еден гол на осум од досегашните средби во елитното европско натпреварување. Сепак, Зомер ја вадеше топката од мрежата на последните пресметки со Баерн Минхен, згора на тоа вечерва во дефанзивната линија ќе недостига стандардниот Павар, па интересно ќе биде да се види дали италијанскиот првак ќе најде начин да го неутрализира атомскиот напад на каталонците.
Нема сомнеж дека Интер инспирацијата ќе ја црпи од полуфиналето со истиот противник во сезоната 2009/2010, кога со Жозе Мурињо на клупата и со нашиот Горан Пандев на теренот „нероаѕурите“ славеа со 3-1 на домашен терен, потоа загубија со 1-0 на „Камп Ноу“ и се пласираа во големото финале, каде успеаја со триумф над Баерн да се закитат и со големиот трофеј.
Од друга страна, каталонците ќе бидат преполни со самодоверба откако пред неколку дена славеа над Реал Мадрид и се закитија со трофејот во Копа дел реј.
„Кога ќе го победите Реал Мадрид, секако дека не можете да ги контролирате емоциите… Сепак, сега ни се укажува можност да бидеме во финалето од Лигата на Шампионите, тоа е најважното финале во календарот, нешто за што сите сонуваат. Победата над Реал е инспирација, но остануваме сконцентрирани, знаеме дека мораме да поправиме некои работи од тој меч ако сакаме да го победиме Интер“, изјави Ханси Флик во пресрет на денешниот дуел.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

