Ракометарите на Е. Пелистер се соочуваат со нов европски предизвик, вечерва во 20.45 часот во „Боро Чурлевски“ гостува тимот на Спортинг Лисабон, а македонскиот првак се надева дека токму против најпријатното изненадување во досегашниот дел од ЛШ ќе може да стигне до позитивен резултат.
Губитничката серија на битолчани трае уште од почетокот на ланската сезона, „зелено-белите“ се надеваат дека истата што поскоро ќе биде прекината, а за помош пред секој меч традиционално ги повикуваат верните навивачи во што поголем број да дојдат и да им дадат поддршка на избраниците на Ангеловски.
„Спортинг во Лигата на шампионите импресионира со одлична, тимска игра и нивната сила не е само во браќата Коста. Играат одличен ракомет и неслучајно имаат три победи во Лигата на шампионите и така лесно го демолираа Веспрем.
Сепак, ова е нов натпревар, играме пред нашите гледачи, а битолската публика знае да препознае квалитет. Верувам дека со наша добра игра, публиката ќе ни помогне да се претставиме во одлично светло и да извојуваме победа против разигран противник. Спортинг е добро компонирана екипа, бековската линија со браќата Кошта и Натан е нивни адут. Играат брзо, модерно и тешко е да се направи фаул врз нив. Нивната одлика е ефикасниот напад, кој постигнува преку 40 голови по натпревар“, истакна Ангеловски, кој за денешниот меч нема да може да смета на Тајник и на Павле Атанасијевиќ.
Португалскиот тим игра извонредно сезонава, веќе има три победи во првите три рунди, од кои особено импресивно делуваше онаа од минатото коло против Веспрем, кога Спортинг го демолираше унгарскиот гигант со 39-30. Претходно Португалците како гости ја растурија Фредериција среде Данска со 19-37, како доказ за потенцијалот на овој тим и тежината на задачата што „пелистерци“ ќе ја имаат вечерва на терен против полетниот состав на Спортинг предводен од браќата Кошта.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА