Данска и Португалија ќе излезат вечерва во 20.30 часот на мегдан во „Јунити Арена“ во Баерум во непосредна близина на Осло, во полуфиналето кое ќе даде одговор која од овие две селекции в недела ќе го игра големото финале на СП 2025 против селекцијата на Хрватска.
Нема сомнеж дека Данците се големи фаворити на овој натпревар, ако се знае дека актуелниот светски првак игра импресивно и на овој мундијал, со седум победи на седум натпревари од кои дури шест беа со двоцифрена разлика (исклучок беше триумфот од 28-22 над Чешка).
„Последниот пат кога станавме светски прваци испишавме историја со три титули во низа. Сега имаме можност за нова историја, да бидеме првите со четири мундијалски трофеи во серија. Секако дека ќе сториме се за тоа да се случи“, изјави Матијас Гидсел, извонредниот десен бек кој со 55 погодоци е најдобар стрелец во досегашниот дел од мундијалот.
Сепак, Португалија испиша историја со самиот пласман во Топ 4 по неверојатната победа над Германија, па јасно е дека Португалците без страв и резултатско оптоварување ќе се обидат да приредат ново изненадување.
„Се среќаваме со вистинска машинерија, тие се најдобрата репрезентација во светот неколку години наназад. Некогаш е невозможно да бидат запрени, но веруваме дека Данска исто така има одредени слабости во играта, нешто што ние ќе се обидеме да го искористиме“, прокоментира португалскиот селектор Пауло Фереира.
Двете селекции имаат одиграно шест меѓусебни дуели и на сите шест славеше Данска, последната на ОИ во Токио во 2021 година со резултат 34-28.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА